„Владата и владејачкото мнозинство да закажат итна седница за да може законски да се интервенира и да се измени Законот за попис на населението со тоа што ќе се одложи за септември, како најран можен месец за одржување на попис под услов во месеците кои се пред нас да има сериозен и динамичен процес на имунизација“, побара денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Како што наведе пратеникот Антонијо Милошоски, во партијата оценуваат дека нема услови да се одржи безбеден и веродостоен попис кој што би дал соодветни и релевантни податоци.
„Според нас, човечки и хумано е на толку многу заболени и на превисока смртност, приоритет за имунизација да се даде и да имаат медицинските лица, хронично болните лица и потоа сите други останати. Секој друг редослед или приоритет би значел давање предност на политиката наместо на човечноста во медицината.
Затоа сметаме дека здравјето на луѓето треба да биде на прво место, а политичките и владините договори да бидат секундарни во овој поглед бидејќи животот нема реприза“, рече Милошоски.
Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека без вакцинирани попишувачи попис од 1 април не може да има.
Денеска премиерот Зоран Заев изјави дека приоритет при вакцинирање со вакцините АстраЗенека кои треба да пристигнат в едела, ќе имаат попишувачите.
Двајцата лидери ќе имаат тет-а-тет средба во понеделник.






