„Ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат своите напори за постигнување заемно прифатливо решение за отворените прашања“, изјавил еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји пред Европскиот парламент, пренесуваат бугарски медиуми.
Европскиот комесар инсистира билатералните договори на Македонија со Грција и Бугарија да бидат имплементирани со добра волја од сите.
Тој истакна дека се надева пристапните разговори со Макдонија да започнат до јули. Добрососедските односи се клучен дел од патот кон ЕУ, нагласи Вархеји.
Освен бугарските пратеници, другите европратеници кои земаа збор денеска за Извештајот за напредокот на Македонија, побараа што побрзо да отпочнат преговорите со Северна Македонија, која доби зелено светло пред една година, а препорака пред дванаесет години.
Илхан Ќучук, известувачот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија, ги забележа достигнувањата на долгиот и тежок пат на реформите и отстапките на патот кон ЕУ.
Тој посочи дека Извештајот на ЕП за земјата ги повикува партиите од Македонија да се воздржат од националистичка и провокативна реторика, како и да се залагаат за понатамошни подлабоки и побрзи реформи.







