Реџепи: Прво Закон за државјанства па пакетот економски мерки

Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива ќе ја блокира седницата за законите од петтиот пакет мерки, но и сите наредни предлог закони додека не се одблокира Законот за државјанство предложен од нив кој предвидува државјанство да се добива со изјава од тројца сведоци.



„Денешното барање да има вонредна седница за финансискиот пакет мерки, петтиот по ред, ние ќе се изјасниме онака како што сме се изјасниле досега. Сета блокада почна кога мнозинството во Собранието заедно со македонската опозиција го блокира Законот за државјанство и тоа е условот, тоа е првиот чекор со што се друго оди наследно согласно таа блокада“, рече координаторот на пратенилката група Алијанса/Алтернатива, Скендер Реџепи.

Тој кажа дека албанската опозиција не отстапува од блокадата на Собранието сè додека не се донесе законот за државјанство, кои тие го предложија.

Во спротивно, ќе поднесуваат по 1.000 амандмани на секој предлог закон, објасни координаторот на групата која веќе има поднесено над 22.000 амандмани.

„Како коалиција ќе ги поддржиме, како што сме ги поддржале досега сите пакет мерки само едно бараме“, да се одблокира Законот за државјанство, немаме друго барање“, рече Реџепи.