Парламентарното мнозинство нема двотретинско мнозинство за прогласување вонредна состојба, што како опција ја најави вчера премиерот Зоран Заев, изјави денеска претседателот на Парламентот, Талат Џафери на брифинг со новинарите, јавува МКД.МК.
„За прогласување вонредна состојба има соодветна процедура, ама сега не е иста ситуацијата како во 2020 година, кога Собранието беше распуштено, па вонредна состојба прогласи претседателот Стево Пендаровски.
Сега Собранието не може да биде прескокнато. Парламентарното мнозинство нема двотретинско мнозинство, ама парламентот има 120 пратеници и може да се состане. Од тој аспект не знам зошто би размислувале за вонредна состојба”, вели Џафери.
На прашањето, дали се сретнал со координаторите од опозицијата, Џафери рече дека нема што да разговара за ултиматуми, посочувајќи на понудата од Христијан Мицкоски да се свика седница со само четири точки, кои се однесуваат на кризната состојба на јужната и на северната граница и на антикризните мерки од петтиот пакет..







