Германската невладина организација Just access во детална анализа прецизно ги детектира и елаборира сите точки во кои Бугарија со своите постапки кон Македонија прави злоупотреба според меѓународното право.
„Со фактичкото и произволно вето на обидот на Северна Македонија да ѝ пристапи на ЕУ, Бугарија го крши билатералниот Договор за пријателство што е во сила со соседот. Односот на Бугарија кон Северна Македонија претставува неразумно и штетно лошо кршење на меѓународното право. Инструментализацијата од Бугарија на правилата за пристапување во ЕУ за нејзини внатрешни политички придобивки е злоупотреба според меѓународното право. Насилното однесување на Бугарија им штети на правата на македонското малцинство што живее во Бугарија, како и на овластувањата на Судот во Стразбур“, констатира невладината организација во анализата насловена: „Негиран пристап до ЕУ и правдата: Како постапките на Бугарија против Северна Македонија претставуваат злоупотреба на процедуралните правила за пристапување во ЕУ“.
Just access заклучува дека Македонија може да ја тужи Бугарија на меѓународните судови за злоупотреба на членството во ЕУ и за кршење на меѓународните правни правила.





