Симовски: Кој не сака попис, не си ја сака државата

„Тоа е нешто што навистина не можам да го разберам. Тоа се луѓе коишто очигледно не ѝ сакаат добро на сопствената држава и на сопствените граѓани. Не знам, јас со години укажувам, а и во принцип секаде во светот пописот е статистичка операција и таа е во интерес на сите граѓани“, изјави во интервју за „360 степени“ директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.



Тој е зачуден од поттикнувањата бојкот оценувајќи дека тоа го прават тие што не и посакуваат добро на државата.

„Значи, пописот не се прави ниту за Владата ниту за некоја политичка партија, се прави пред сѐ за граѓаните во државата, за оние што носат, креираат и спроведуваат одредени развојни политики, да имаат доволно елементи тие да бидат квалитетни политики, да не се базираат на некакви си паушални оценки, на интуиција или нешто слично. Денес, која било активност, не можете да ја правите без информации. Во спротивно постои огромен ризик да промашите со таквата активност“, вели Симовски.