ЕУ нема вакцини за посиромашните земји

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен соопшти дека Европската унија во моментов не е во можност да донира вакцини против коронавирусот за посиромашните земји.



„Доста голем е притисокот врз земјите членки (на ЕУ) да ги набават вакциниците за себе“, изјави фон дер Лејен за германската медијска мрежа Funke Media Group.

Вчера Фон дер Лајен се закани дека ЕК ќе и забрани на фармацевтската компанија „АстраЗенека“ да испорачува вакцини во земји надвор од ЕУ зашто се уште не ги исполнила обврските кон Унијата.

Меѓутоа, челничката на Европската комисија ја истакна финансиската поддршка на иницијативата Covax за распределба на вакцините за посиромашните земји и напорите на Светската здравствена организација (СЗO – WHO) да го исигури за овие земји пристапот до вакцините против коронавирусот.

„Европската унија во оваа иницијатива вложи 2,2 милијарди евра, Covax веќе испорача 30 милиони дози во 52 земји“, тврди фон дер Лејен.