Ќе добиеме ли Спутник В по твитот на Османи за руски шпиони во Софија

Ќе одобри ли Русија од вакцините Спутник В откако македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи ѝ изрази силна поддршка на бугарската колешка Екатерина Захариева.



Османи ја поддржа Бугарија во акцијата против шпионажата во корист на Русија за која се обвинети шестмина Бугари.

„Силна поддршка за суверенитетот на Бугарија, нашиот сосед и сојузник во НАТО. Република s. Македонија ги осудува сите малигни активности на територијата на Бугарија“, напиша Османи на Твитер обраќајќи ѝ се на колешката Захариева.

Петмина од осомничените беа уапсени завчера во Софија, во голема операција на специјалците од национална безбедност.

За време на акцијата еден од осомничените се обидел да избега, соопшти Обвинителството.

Руската мрежа била формирана од поранешен висок функционер од бугарското воено разузнавање.

Тој регрутирал луѓе со пристап до класифицирани информации од Бугарија, НАТО и Европската унија.

Лидерот на групата ја искористил својата сопруга за да ги пренесе информациите на службено лице во руската амбасада во Софија, изјави Сијка Милева.

Портпаролката на канцеларијата на Државното обвинителство тврди дека групата била активна долг период.

Американскиот Стејт департмент внимателно го следи случајот.

„САД силно го поддржуваат суверенитетот на Бугарија и стојат заедно со Бугарите против овие малигни активности на нивната територија“, соопшти Стејт департментот.

Кремљ веднаш негираше дека Русија е инволвирана во случајот.

„Во контекст на комплексноста на меѓународната ситуација, очигледни се ‘неуморните’обиди да се вовлече клин во руско-бугарскиот дијалог и уште еднаш да се демонизира нашата земја“, се вели во соопштението на руската амбасада во Софија за најновиот шпионски случај во Бугарија.

Дали последната изјава на Османи која се коси со официјалниот став на Москва може да има влијание на руското расположение за продажба на вакцини на Македонија.

Одговорот ќе се знае наредниве дестина денови кога треба да се детализираат договорите за набавка на руските вакцини.

Неретко Русија во дипломатијата користела свои стратешки ресурси за да казни или награди одредени држави кои оделе контра или ја поддржувале на меѓународен план.