Среќна нова ’41 – Пишува Роберт Димитриевски

Не, нема грешка во насловот. Не станува збор за култниот македонски филм „Среќна нова ’49“ на Столе Попов, ами за актуелниот миг во и околу Македонија.



„Од сите страни Ѓорѓи сардисан“. Тамам Македонецот ќе здивне од една закана и ќе помисли дека ја надминал по цена на понижувачки отстапки, ќе го навјаса друга, уште поопасна за него и за неговата држава.

Во годината кога слави осумдецениски јубилеј од почетокот на својата триумфална антифашистичка епопеја, безмалку сè потсетува на траумите од времето кога и тој, и целото човештво беа исправени пред геноцидната идеологија без преседан во историјата. Катаден една платформа ја заменува друг меморандум, една големодржавна идеја ѝ го отстапува местото на друга великонационална во вртлогот што сè посилно ја обзема македонската држава и малку по малку ја лизга од рацете на народот кому му е матична.

И пред 80 години, и сега Македонците се принудени да се борат и со заканите однадвор, и со опасностите што ги демнат одвнатре, но најмногу со отпадниците во сопствените редови. Сè што не успеаја фашистите тогаш, лека-полека го осуштествува анационалното „граџанство“ што за лични лукративни цели и дете од мајка ќе продаде, а камоли државни и национални интереси. Додека пред нивни очи им уринираат врз тоа што му е свето на секој човек, а камоли на еден народ и држава, лажните прогресивци „мудро“ молчат, подготвувајќи се за уште поголемо виткање на ‘рбетот. За во меѓувреме од точка до запирка да ги прават јаве влажните соништа на повампирените сеништа од минатото, за кои се мислеше и, очигледно, наивно се веруваше дека никогаш повеќе нема да излезат од нивните дувла. И сиот тој самопрегорен ангажман на раздавачиве на сè македонско на сметка на обичните смртници што одвојуваат од уста за нивните хирови и „шенлучења“ по белосветските туристички дестинации, и тоа среде пандемија.

И сето ова на очиглед на истите центри на моќ што и пред 80 години, и кога Македонците крвареа под османлискиот јарем, не само што немаа(т) слух за нивните страдања, туку ни ронка сочувство и емпатија. Дури и кога гледаат колку некадарни се инсталираниве одработувачи на туѓи агенди едно пакетче вакцини да набават за земјата од самиот врв по смртност на милион жители на глобално ниво. Седењето на иста маса со најсилните на планетата само по себе да не ти било гаранција за подадена рака во неволја за која никој, па ни нивниот номинален сојузник, не е виновен. Та нели сојузници (ќе) бевме?

Сè на сè, угоре високо, удолу длабоко. И по кој знае кој пат научена лекција врз сопствената кожа. Наместо самозалажување дека некој ќе им се смилува и со волшебно стапче ќе ги исправи неправдите и ќе им помогне кога им е најпотребно, белки еднаш ќе сфатат и Македонците дека треба првенствено да се потпрат на себе. А основен предуслов за воопшто да поверуваат дека ќе успеат е да се сплотат околу заедничката цел, токму како во 1941 година. И тогаш имаа непријатели што изгледаа непобедливо, и тогаш на оваа почва вирееја квислинзи и колаборационисти со окупаторот, па, сепак, на крајот им го видоа тилот и ги испратија на буништето на историјата. И никој не им ја подари слободата, туку ја платија со 25.000 сопствени жртви, меѓу кои и малолетни херои што ги вдахновуваа(т) со патриотизам генерациите по нив пораснати во слободна Македонија, веќе три децении и независна.

А слободата никогаш не е еднаш засекогаш освоена и борбата за неа никогаш не завршува. Посебно ако, по многу нешта, уште е време партизанско, како денес.