Српскиот претседател Александар Вучиќ се обидува да се спаси од срамот со повлекувањето на српските дипломати од Скопје преку телефонскиот договор со премиерот Заев и со активирање на својот разузнавач Живалевиќ кој на 27 април влезе во Собранието на РМ.
Иако најавуваше дека Србија има доволно докази за „офанзивно делување на Македонија против Србија“ српскиот претседател по телефонскиот разговор со Заев заборави на дипломатскиот инцидент кој предизвика потсмев и шеги на сметка на Србија во меѓународната заедница.
Повлекување на дипломатскиот персонал од друга држава што практично значи дека се прекинуваат дипломатските односи меѓу две земји се користи само во случај на иминентен оружен конфликт или крајно заострени односи. Со најавата дека од денеска српските дипломати се враќаат во Скопје а за неколку дена се враќа и амабсадорката Дивљак – Томиќ, Белград призна дека направил аматерска грешка на која се смее меѓународната заедница.
За да се заборави на крајно аматерската реакција на српските власти со повлекувањето на своите дипломати од Скопје, Вучиќ го активираше и својот човек, Горан Живаљевиќ кој како член на српската разузнавачка служба БИА на 27-ми април без никаква формална дозвола од македонските служби влезе во Собранието.
Крајно симптоматино е што Живаљевиќ кој молчеше речиси три месеци се појави во јавноста дури сега, на денот кога Вучиќ и Заев постигнаа „Договор во 5 точки“.
Откако стана јасно дека договорот кој нема никаква правна тежина и не создава обврска за српските и македонските институции, не може да го намали српскиот срам, во игра влезе Живаљевиќ кој преку српски државен медиум се обиде да внесе нова забуна во односите Македонија – Србија.
„Моето пријавување за активност таа вечер на 27-ми април, беше насочено кон самиот кабинет на претседателот, конкретно до советникот за безбедност. Мојата мисија не беше ниту тајна ниту пак недобронамерна. Дополнително, и македонскиот државен врв беше известен.Тоа лице знаеше за причините за мојот престој таму и за тоа беше известен“, вели Горан Живаљевиќ кој не дава никави писмени или други докази дека навистина побарал и добил дозвола за влез во Собранието.
Според кабинетот на претседателот Иванов, Живаљевиќ лаже. Од таму тврдат дека неговото пријавување било на погрешна адреса и дека српскиот разузнавач неовластено влегол во законодавниот дом. Македонските служби велат дека не побарале никаква услуга од него.
„Фактите говорат дека критичниот ден пред да влезе во Собранието на Република Македонија, Амбасадорот на Република Србија, односно дипломатот не побарал писмена или усмена дозвола од овластено лице и надлежен државен орган, туку откако го завршил дејствието известил за своите активности, со што не може да ја намали одговорноста за неовластен престој во Собранието на Република Македонија“, се вели во соопштението на кабинетот на претседателот Иванов.
Од ВМРО ДПМНЕ соопштија дека ниту една институција со која тие управувале не дала таква согласност. Побараа од Владата да провери дали навистина се случило такво нешто и доколку е точно, веднаш да го објави документот.
Дека Живаљевиќ манипулира говори и фактот што тој доволно долго е во Македонија за да знае дека влезот во Собранието не може да го дозволи кабинетот на претседателот туку други служби во МВР од кои што не добил нниту побарал дозвола за влез во Собранието.
Вчерашната појава на Живаљевиќ и молкот на претседателот Вучиќ и министерот Дачиќ за причините за повлекувањето на дипломатскиот персонал од Скопје е причина повеќе да се верува дека Србија имала сосема друга цел и причини за ваквото дипломатско „салто – мортале“.
Дел од набљудувачите сметаат дека Србија со последниот потег извршила таканаречен „Превентивен удар“ со кој со помош на притисок и уцени дека ќе го воведе ФИРОМ, ја спречила Македонија навистина да се појави како спонзор за приемот на Косово во УНЕСКО.
Уште едно од сценаријата за кои се зборува во дипломатските кругови е дека Вучиќ инцидентот го смислил и спровел со цел да создаде услови да ја натера Македонија да се обврзе дека на нејзина територија нема да се дозволат активности насочени кон негово уривање.
Иако засега важи за еден од милениците на западот пред се на Германија, српскиот претседател поради своите блиски врски со Русија и автократскиот начин на владеење не е најпосакуван за лидер на Србија за западот. Тој во неколку наврати преку медиумите инсценираше инциденти во кои беше „пронаоѓано“ оружје во близина на неговата канцеларија кога беше премиер а неговите приврзаници постојано шпекулираат за опасност од атентат против него.
За последниот инцидент кога во близина на неговите канцеларии наводно беше пронајдено големо количество оружје, индиректно неше обвинет шефот на српската Безбедносно – Информативна агенција (БИА) Александар Џорџевиќ кој е негов долгогодишен близок пријател.
Џорџевиќ беше сменет од позицијата прв човек на БИА две недели по откривањето дека неговиот агент Живаљевиќ неовластено и вон сите дипломатски протоколи ја прекршил Виенската конвенција и влегол во Собранието на Македонија во критичниот момент на 27 април.
Иако медиумите во Србија шпекулираа дека Џорџевиќ по смената во БИА ќе стане советник во претседателскиот кабинет на Вучиќ тоа не се случи што може да значи дека и српскиот претседател знае дека БИА и Живаљевиќ погрешиле на 27 април.
Досега ниту властите во Белград ниту тие во Скопје не дадоа докази за улогата на Живаљевиќ во Собранието, односно сеуште не се знае дали тој навистина утврдувал „дали таму има српски навивачи“ или пак се обидувал да создаде уште поголем хаос во законодавниот дом по нарачка на своите шефови.




