„Што се однесува на разликата од 20 години, што и да може да се каже за тоа, е многу тривијално. Се разбира, за време на појадок јас сум таму со моите брчки, а тој со неговата младост. Едноставно така е“ вели сопругата на францускиот претседател за магазинот „Elle“ и додава дека не сака да биде ни прва, ни последна дама, туку едноставно Брижит Макрон.



Брижит Макрон е во фокусот на светската јавност откако нејзиниот сопруг Емануел се кандидира за претседател на Франција и победи на изборите и затоа нејзиното интервју започнува со запознавањето со Емануел кога таа му била наставничка и менторка за училишна претстава. Таа имала 40 години и била мажена со три деца, а тој имал 15 години. Уште тогаш започнала да се развива привлечност помеѓу нив, но Брижит тврди дека не ја започнале врската во тој период.

„Пишувавме заедно петок навечер, а веќе од сабота чекав да дојде следниот петок. Не разбирав зошто. Сето тоа ми изгледаше лудо“ раскажала таа.

На прашањето дали се обидела да се оттргне од Емануел, таа одговорила: „Да, моја беше идејата Емануел да го продолжи образованието во Париз, затоа што сметав дека тоа е најдобро за него. Во тој момент немаше ништо меѓу нас, иако гласините се ширеа. Се грижев само за моите три деца, Себастијан, Лоренс и Тифани. За никој друг.“

За разделбата од нејзиниот сопруг за да биде со Емануел, Брижит никогаш не се покајала.

„Разделбите секогаш прават штета. Децата најчесто страдаат. Знам дека ги повредив моите деца и за тоа најмногу чувствувам вина. Но, има моменти во животот кога мора да донесеш витални одлуки. Тоа беше мојата. Ако не го направев тој избор, ќе пропуштев многу во животот“ вели Брижит за магазинот „Elle“ целосно свесна дека прекршила многу кодекси.