ВМРО-ДПМНЕ: Погрешно е да се инвестира во енергетски проекти – во Грција!?

На повидок е ново уништување на енергетиката во Македонија – предупредува опозициската ВМРО-ДПМНЕ по најавата на Владата дека ќе инвестира во енергетски проекти во Грција:



„Најавата на Владата за инвестирање во Грција е штетна од неколку аспекти и тоа: политички, финансиски и економски.

Премиерот Заев за Слободна ТВ истакна намера за партиципирање со 10% во гасниот терминал Александрополис кој што е вреден околу 400 милиони евра и учество со 25% во гасната централа која што е веднаш до гасниот терминал и која е со капацитет од 630 до 830 мегавати, вредна преку 400 милиони евра.

Според тоа, во ситуација кога немаме домашни инвестиции, оваа Влада ЌЕ инвестира, стотици милиони евра надвор од Македонија, 40 милиони евра во Александрополис (10% од 400 милиони) и 100 милиони евра во гасна централа (25% од 400 милиони) т.е. вкупно 140 милиони евра, од кои само 17 се покриени од грант од Европската унија.
Намерата и постапките за инвестирање надвор од Македонија во енергетскиот сектор во овој момент најблаго речено се знак или за тотално неразбирање на проблематиката и економската состојба на Македонија, или намерно уништување на енергетскиот сектор.

Политичката штета се состои во тоа што го губиме суверенитетот – без сопствено производство на енергија нема суверенитет на целата земја особено во секторот на стопанството. Стануваме енергетски зависни од Грција во снабдување со природен гас и електрична енергија. Трговијата со електрична енергија е веќе голем дел во рацете на грчкото електростопанство, со продажбата на компанијата на Кочо Анѓушев. Покрај ова, имаме доста непријатно искуство во изминатиот период со проблемите на транспорт на течно гориво.

Ако немаме сопствени производни капацитети, во случај на зголемена потреба за енергија, испораката на договорените количини се запира. Имаме досега такво искуство.
Македонија НЕМА ПАРИ!!

Буџетот на Македонија се покрива со позајмување на пари. Ако се земат кредити за изградба на СОПСТВЕНИ енергетски објекти, има и политичко и економско оправдување. Задолжување на генерациите заради инвестирање, без економско оправдување, е НЕДОЗВОЛИВО. Во овие години на здравствени блокади, задолжувањето заради инвестирање надвор од сопствената земја е во најмала рака неразумно, одраз на незнаење и намера за да потоне подлабоко економијата на Македонија.
Не е јавно прикажана техно-економска студија за оправданост на овие инвестиции. Досега се објавуваат само бројки за тоа колку државата ќе потроши, а никој не кажува бројки за тоа колку државата би добила од таквото вложување. Ова е доволен показател дека од јавноста се крие немањето никакви бенефити од ваквите проекти.

Инвестирање во ТЕРМИНАЛОТ ЗА ТЕЧЕН ПРИРОДЕН ГАС (ТПГ) е економски неоправдано од следниве причини:
ТПГ е поскап од природниот гас кој се транспортира низ цевководи, затоа што цената ја зголемува сложената постапка за негово добивање: ладење заради втечнување, транспорт до ладилна станица, транспорт со бродски цистерни до терминалот, потоа загревање заради испарување и повторно компримирање за да се потисне во системот од каде и Македонија би го КУПУВАЛА. Значи, цената на тој продукт е значително повисока, во однос на природниот гас кој се транспортира преку ТАП од изворот Шахдениз 2 преку ТАНАП до Италија, за што претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ веќе има потпишано меморандум за можност за снабдување со природен гас. Наша цел е да се поврземе на овој гасовод заради диверзификација на местата за купување на гас. Што би добила Македонија со оваа инвестиција во терминалот: право да купува ПОСКАП гас, спореден со гасот од каспискиот или рускиот регион.

Кога ќе се земе во предвид тоа дека никој не сака да плати поскапо, туку секој сака да купи од таму каде што е поевтино, тогаш оваа нестручна концепција за инвестирање во терминалот се растура како кула од карти.

Дали ќе се стекне некоја пара од дивиденда заради успешно работење на платформата? Тешко. Во Грција веќе има една станица за ТПГ, која во период на најголемата потреба за енергија работи со 30% од својот капацитет. Таква станица има и на островот Крк (Хрватска) која е во финансиски проблеми заради малата потрошувачка на ваквиот СКАП енергент.

Неразумна штетна инвестиција!

Уште поголема штета ќе се направи со инвестицијата во ТЕРМОЦЕНТРАЛАТА ВО БЛИЗИНА НА АЛЕКСАНДРОПОЛИС. Македонија има искуство со изградената 200 MW централа во Косово за потребите на Железарницата. А добро е да не ги повторуваме грешките вели нашиот македонски народ.

Што добива Македонија со оваа инвестиција?

Право да КУПУВА определена количина електрична енергија (25% од производството). ПРАВО ДА КУПИ со, приоритет, ама да плати. Инвестицијата е само дел од цената на електричната енергија. Треба да платиме за одржување на опремата, експлоатација, транспорт на електрична енергија низ Грција и за ГОРИВО. Постројката нема да биде со когенеративен процес. Тој дел на Грција нема потреба од развиен систем за централно греење т.е. топлификација. Тоа значи дека максималното искористување на енергијата во горивото e на ниво од 50%. Како сопственик на 25% од акциите, Македонија ќе биде корисник на дивидента од 25% од ПРОФИТОТ, АКО СЕ ОСТВАРИ!!!.

Дали има некој кој верува дека ќе се прикаже профит, за да се дели дивиденда??
Што добиваме ако ги инвестираме овие средства во Македонија за иста намена?

Обезбедуваме постабилен енергетски систем, со сопствено производство на енергија, од постројка со капацитет од над 150 MW!!!
Суверенитетот на државата ни’ се зголемува, не зависиме од увозот на таа количина на електрична енергија.
Постројката би ја граделе во регион како Тетово, Штип, Скопје каде што овозможуваме когенеративен процес, со производство и на топлинска енергија за топлифицирање на градовите, со што драматично се намалува загадувањето на животната средина. Се обезбедува и поздрава животна средина, намален број на заболувања, особено алергии кај младата популација.

Искористувањето на енергијата во горивото е на ниво од 80%, наместо 50% како во постројката во Грција. Тоа значи и пониска цена на електричната и топлинската енергија споредена со цената на енергијата од Грција.
За изградбата на постројката се користат домашни фирми, што е од особена важност во овие драматични моменти за економијата на Македонија.

Како персонал за експлоатација на оваа постројка се вработуваат млади кадри кои нема да ја напуштат земјата, заедно со искусен персонал од електроцентралите кои сега работат на јаглен, а ќе бидат затворени според програмата на сегашната Влада.
Се зголемува искористувањето на количината на приоден гас со што постои можност за намалување на цената при неговото купување.

Се обезбедува стабилен извор на енергија за домаќинствата и индустријата, со можност за долгорочно планирање на својот развој и инвестирање.
ОВА ИМ ГО ДОЛЖИМЕ НА НАШИТЕ ДЕЦА И ВНУЦИ. ДА ИМ ОСТАВИМЕ РЕСУРСИ, А НЕ ДОЛГОВИ.

Објавата на Фејсбук ТУКА.