Чудна држава е “мојава” – Гордана Силјановска Давкова

Попис и полициски час?



Чудна држава е „мојава“. На екранот се нижат интересни слики: директорот на Заводот за статистика ту е во друштво со министерот за правда Маричиќ и заменик министерот за правда Нухиу, ту со министерката за труд и социјална политика Шахпаска, па со министерот за надворешни работи Османи…. веројатно предано соработуваат во статистичките операции.

Чудна држава е „мојава“. Заменик премиерот за економија Битиќи не информира за воведување на полициски час од 10 часот навечер до 5 часот наутро. Зошто тој, си велам.

Чудна држава е „ мојава“. За време на полицискиот час, премиерот, надалеку познат по храброста, небаре личност од Хакслиевиот „ Храбар нов свет“ , катаден не убедува дека нема причина за страв за попис in vivo, небаре сите ние за време на попишувањето ќе стекнеме специјален имунитет без да бидеме вакцинирани.

Ако изразите сомнеж и јанза, веднаш ќе ве потсети на изборите и „ кукавичлукот“.

Чудна држава е „мојава“ : рапидно расте бројот на заразени и починати, а ние глумиме израелска влада и израелски граѓани.

Чудна држава е „мојава“ : државите околу нас, но и подалеку и најдалеку, иако длабоко навлезени во процесот на имунизација, ги одложија пописите, не само заради препораката од надлежните органи на ОН, туку од страв за здравјето на граѓаните и попишувачите.

Нас пак, директорот на Заводот за статистика „експертски“ ни се заканува со санкции, небаре прек судија, доколку не се „одважиме“ да го почитуваме законот и да се попишеме.

Премиерот ни го фрли в лице клучниот „адут“: лесно им било на другите држави да го одложат пописот кога од последниот поминале само 10 години, ама ние „сме немале“ избор, оти по 20 години етно-партиско договарање, преговарање и пазарење, на крајот се усогласиле, а ние, наместо за државата, сме мислеле на себе, под „партиски“ притисок, се разбира.

Чудна држава сме: ни траг ни глас од Комисијата за заштита од заразни болести за пописот среде Ковид- 19! Веројатно смислува „чудотворни“ протоколи.

Си мислам , си мислам… на што ми асоцира македонскиов амбиент среде пандемија, пред попис, под полициски час, непосредно по изгласаната доверба на владата без ниту еден опозициски глас, со упатен премиерски повик за национално обединување преку најширока коалиција во ек на најголема политичка разединетост, но без лидерот на ВМРО-ДПМНЕ(!!), во тек на секојдневни задолжувања и скандали и …. еурека : на некои држави од Далечниот исток, на некои латино-американски држави, на некои афрички држави, на некои балкански држави..

Па, каде одиме или каде стоиме?

Чудна држава е „мојава“: денационализирана, демакедонизирана, скандалозна, авторитарна, хибридна, слаба, на колена, понижена, условена, оспорувана, уценувана, а што е најчудно – во името на „европеизацијата“ и „евроинтеграцијата“!

Што стана со европскиот logos I ethos? Кој ги руши европските вредности? Чуму аксиологијата?