Шест згради со над 20 ката ќе никнат пред „Холидеј ин“?

Со новиот Детален урбанистички план (ДУП) за просторот кај „Холидеј ин“ во центарот на Скопје, планирана е изградба на 6 висококатници од 20 до 35 ката.



Новиот план за овој простор го изработува фирмата „Билд урбан“ која на тендерот распишан од Општина Центар понуди цена од 1 денар и победи со најниска понудена цена. Сега Општината има проблем со цртањето на новиот план со кој треба да се исправат грешките на претходниот бидејќи планерот не постапува по нивните насоки за уредување на просторот и си тера по свое односно ги исполнува желбите на инвеститорот.

Поради тоа Општината бара правен начин за да го раскине договорот, дознава порталот СакамДаКажам.

Сопственици на просторот кај „Холидеј ин“ се фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“. Тие најпрво располагаа со површина од 4.605 метри квадртани кои ги купија од физички лица и со тоа се стекнаа со 30 проценти од градежната парцела. Потоа во 2018 кога на сила беше мораториумот за градба, од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Горан Сугерески од СДСМ го купуваат државното земјиште на овој простор со површина од 9.048 метри квадратни метри по цена од 312 евра за квадрат.