Полковникот Драган Ковачки, кој бил казнет од комисија составена од министерката за одбрана Шекеринска, обвинува дека таа повторно манипулира и објавува детали од интерни армиски постапки за кои цело време тој предупредува.
Ковачки на министерката и објавува повеќе прашања меѓу кои најинтригантно е за нејзината можна поврзаност со фирмата фантом преку која што владата се обидела да обезбеди кинески вакцини.
“Прво, престанете да манипулирате и кажете и’ на јавноста дека Комисија предводена од генерал не најде докази за тоа за што ме обвинувате, а Вашата комисија во која нема ниеден генерал туку има и лица помлади по чин од мене, Ви достави нарачан предлог.
Па од авион се гледа Вашиот притисок врз Вашата комисија.
Институцијата не Ви е партиска играчка да се пресметувате со мене затоа што не мислам како Вас.
Второ, должите да одговорите: Зошто и после година дена се’ уште на вашиот фејсбук профил стои доверлива класифицираната мапа од зона на одговорност на армиска единица?
Трето, дефокусирате од вистинските проблеми:
– Која е улогата на министерот за одбрана во набавките на кинеските вакцини од ФАНТОМ фирмата во Хонг Конг?
– Како може со чиновничка плата да се купи куќа вредна баснословна сума а за багателна цена? Еве ја повикувам јавноста и истражувачките новинари да се заинтересирааат за случајот и да го истражат.
Последно, не е учтиво од уста на дама на толку висока политичка и партиска функција да напаѓате на личност со неумесен речник и да ме наречете плачко и лажго. Нема да се симнам на тоа ниво, но во интерес и добробит на општеството, на сите родители би им советувал такви фрази да избегнуваат пред своите деца”, пишува Ковачки до министерката.
Предходно Шеќеринска без да именува на кого се однесува пораката објави обвинувања:
“Партискиот војник пак удира по Армијата. Македонштината ја “браневте” со скинати униформи и сиромашна војска. Сега сте нервозни дека вистината за вашата неспособност и маргинализирање на Армијата излегоа на виделина: можело да има поголеми плати, можело да се обезбеди бенефициран стаж, можело да се обезбедат и нови униформи и нови чизми, но и спортска и воена опрема.
Пак не ви успеваат нападите на сопствените колеги и Армијата за која во вашите 11 години не направивте ама баш ништо”, напиша Шеќеринска.






