Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека се ирелевантни потезите на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, кој прво за празникот 8 Март објави лого со мапа од „Голема Бугарија“, а потоа и наводен список со имиња на политичари од ВМРО-ДПМНЕ кои имаат бугарски пасоши и право да гласаат на тамошните избори.
„Картата објавена од страна на министерот за одбрана на Бугарија ја доживеав како знак на неговата слабост. Кога немате што да кажете за денес, ќе се вртите кон историјата. Кога нема што да понудите за граѓаните, за државата, за регионот, тогаш почнувате кавги. Јас не мислам дека треба да се влегува во тие кавги. Затоа што со тоа се навредуваат и иритираат соседите, не само Македонија, а притоа ништо не се постигнува. Мислам дека голем број од тие вести стануваат само вести заради тоа што кај нас многу голем третман им даваме, и затоа мислам дека тоа не треба да го правиме“, изјави министерката интервју на ТВ 24 Вести.
За списокот со имиња со македонски политичари кои наводно биле на избирачките списоци за парламентарните избори во Бугарија на 1 април, министерката вели:
„Како што мислам дека не треба да бидеме маша или мегафон во неговите раце во други прилики, и сега мислам дека грешиме што му даваме толку голем медиумски, па и политички простор“, изјави Шекеринска.





