Белград тврди дека Заев го прислушувал и Вучиќ

Денешните насловни страници на српскиот печат донесуваат тврдење дека македонските служби по налог на премиерот Заев а во соработка со американски партнери прислушувале официјални српски претставници меѓу кои бил и претседателот Александар Вучиќ.



На насловните страници сите весници како централна тема ја објавуваат евакуацијата на српските дипломати од Скопје притоа цитирајќи извори во безбедносните служби кои што тврдат дека македонските обавештајци со помош од западните служби ги следеле и снимале вработените во српската амбасада.

Според истите извори постојат докази дека од Скопје незаконски се прислушувале и членови на српскиот државен врв во Белград но медиумите кои што очигледно се брифирани од ист извор во владата на Србија или кабинетот на претседателот Вучиќ не даваат никаква писмена или друга материјална потврда за тврдењата.

Весникот Блиц оди уште понатаму во тврдењата и објавува дека македонските служби не само што ги следеле туку и ги застрашувале вработените во српската амбасада.

На насловните на весниците Ало и Телеграф има сличен наслов и наднаслов во кој се тврди: Братко Заев и забил нож во грб на Србија.

Највлијателниот српски дневен весник Политика на својата насловна страница пишува дека со најавената подддршка за Косово , Македонската влада извршила уште еден удар на Србија.

Единствениот српски дневен весник кој на насловната страница не пишува за скандалот во Македонија е независниот весник Данас за кого повлекувањето на српските дипломати не е најважна тема во Србија. Овој весник кој не е под контрола на српската влада или претседателот Вучиќ често пати ги критикува српските власти за медиумско манипулирање на граѓаните.