Денеска во 13 часот ќе се одржи седница на македонскиот совет за безбедност на кој ќе се расправа за стратешки прашања поврзани со Армијата.
На состанокот нема да биде присутен шефот на воената разузнавачка служба Горан Василевски кој е именуван од министерката Радмила Шеќеринска.
На Советот кој ќе одржи во кабинетот на шефот на државата, покрај членовите на Советот за безбедност, поканети се и началникот на Генералштабот на Армијата , генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски.
Од објавата на кабинетот на Пендаровски се гледа дека на состанокот за армиски теми се повикани шефовите на агенцијата за разузнавање и на АНБ Муслиу и Димовски кои водат цивилни разузнавачки служби а се именувани од страна на Пендаровски и премиерот Заев кои заедно со Шеќеринска ќе бидат на средбата.
Иако логиката вели дека пред сите други разузнавачи на седницата треба да биде и шефот на воената разузнавачка служба тој не е повикан на состанокот што отвара дилема дали се работи за судир меѓу политичките фактори кои ги контролираат службите или се работи за друг вид проблеми.
Полковникот Горан Василевски кој е шеф на службата за Воена безбедност и разузнавање е еден од луѓето кои како учесници на Шарената револуција станаа високи функционери.
Василевски е еден од луѓето кои се споменуваа во аферата “Безбедносен сертификат од НАТО” кога македонскиот одбранбен претставник во НАТО номиниран од Министерството за одбрана полковникот Секуловски беше вратен во земјава заедно со неговиот помошник.
Полковникот Василевски заедно со колегата Секуловски се дел од контингентот македонски офицери во ЈНА кои во земјава се вратија по формирањето на независна Македонија и АРМ.
Дали неповикувањето на шефот на воената разузнавачка служба Василевски на Советот за безбедност има врска со сертификатот за безбедност од НАТО засега нема информации.
Единствена точка на дневен ред на денешната седница на Советот за безбедност е Информација за стратешките набавки во Армијата во наредниот период, соопшти вчера кабинетот на претседателот Пендаровски.
Според секоја логика ако Пендаровски и Шеќеринска немаат доверба во шефот на военото разузнавање за да го повикаат на Совет за безбедност тој мора да биде сменет.
За Василевски се уште нема информација дека добил безбедносен сертификат од НАТО.






