Некогашните марксисти-ленинисти би биле горди на Арачиново. Таму на дело се спроведува комунистичката максима „секој според можностите, секому според потребите“. И Северна Кореја да ѝ позавиди на Северна Недојдија.
Вистинската приказна од земјата на чудата вели дека во уникатниот даночен рај на планетата воопшто не се притресуваат поради наплатата на данок на имот од 0 (и со збор: нула) денари. Од општината мртви ладни објаснуваат дека немале можност да прибираат данок на имот зошто не располагале со база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение?! За задоволувањето на потребите, пак, тука е Владата на Заев, која во декември ѝ притекна на помош со еднократна финансиска поддршка од половина милион евра. А „за да не се сетат Власите“, ја образложија со „справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради ковид-19 кризата“.
Можеби не добија 300 пилоти, како што се пожалија дека пред избори им ветиле, а ги излажале, но арачиновци го добија тоа што би го посакале многумина. Им љубоморат. Ќе пукнат од мака комуни, претежно од западниот дел на жална Македонија, што сè уште не уживаат како нив во благодетите на комунизмот. Завидлизам, што би рекол „прајминистеро“.
Додуша, „на прав пат“ се Маврово и Ростуше со наплата на данок на имот од „цели“ 27 проценти, како и Студеничани (32 отсто), Долнени (34 отсто), Центар Жупа (36 отсто), Гостивар (40 отсто), Желино (42 отсто), Врапчиште (46 отсто), Липково (51 отсто) и Тетово (55 отсто). Сепак, можат само вода да му носат на Арачиново. Засега.
„Најзатуцани“, пак, во овој поглед да ти биле Македонски Брод, Ѓорче Петров и Велес со наплата од 97 проценти, потоа Зрновци, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица и Илинден со 96 отсто, Кавадарци и Аеродром со 95 отсто… Како казна за тоа што не знаат како треба да работат, за нив немаше новогодишно пакетче од Владата. Ниту ја имаа таа чест и привилегија да им го врачи лично Дедо Мраз престорен во Зоќито, каква што имаше сопартијката му Миликије Халими од СДС на „нашата земја“.
И не се за жалење. Кој им е виновен што не го следат светлиот пример на „градската мајка“ на селото оддалечено одвај десетина километри од центарот на главниот град? А преку неа и нејзината општина и на воскреснатата, а декларативно напуштена комунистичка идеологија на партијата што го наследи некогашниот Сојуз на комунистите на Македонија?
Ем нема расправија со сограѓаните/соселаните околу наплатата на данокот, ем капарисани гласови за избори, ем – жглап дотација од Владата. „Радио, не радио, свира ти радио“. Уриме!






