Брзо по објавата дека каталонската полиција го уапсила 22 годишниот Јунес Абујакуб, осомничен за терористичкиот напад со комбе минатиот четврток во Барселона, полицијата на социјалните мрежи објави дека тој бил застрелан во местото Субират, 50 километри од покраинската престолнина.



„Можеме да потврдиме дека лицето застрелано во Субират е Јунес Абујакуб, авторот на терористичкиот напад во Барселона“, објави каталонската полиција на Twitter.

При тоа полицијата со помош на робот отстранила од неговото тело нешто што личело на појас со експлозив и утврдила дека станува збор за лажен самоубиствен појас. Абујакуб беше последниот член од терористичката џихадистичка ќелија од 12 лица која што полицијата ја сместа за одговорна за нападите во четвртокот вечерта во Барселона и подоцна ноќта кон петокот во гратчето Камбрилс. Откако во медиумите беше објавена неговата фотографија, една сосетка од Субират го забележала Абујакуб и повикала полиција, пренесува јавната шпанска телевизија RTVE. Наскоро на посочената локација пристигнало полициско возило со поддршка на полициски хеликоптер.

Претходно беше објавено дека полицијата го уапсила, а подоцна и дека ликвидирала лице на 16 километри од автопатот 243 во областа Субират. Весникот El Pais, потоа објави дека ликвидираниот најверојатно е осомничениот Абујакуб.