Македонија е претпоследна во Западен Балкан со 259 пати помалку вакцини за коронавирус од Србија, речиси пет пати помалку од Црна Гора и по четири пати помалку од Албанија и од Босна и Херцеговина, а единствено Косово е зад неа без ниту една доза.
Србија е меѓу водечките и во Европа со 2,12 милиони вакцини, од кои 1,5 милиони од „Синофарм“, 252.400 од „Спутник В“, 217.600 од „Фајзер“ и 150.000 од „Астра Зенека“.
Црна Гора, која е двојно помала од Македонија и со над три пати помалку жители, до неодамна немаше ниту една доза, а сега е втора меѓу шесте земји од регионот со 37.000 вакцини. Од нив 30.000 се од „Синофарм“, а 7.000 од „Спутник В“, од кои 2.000 донирани од Србија.
Албанија има обезбедено 32.565 вакцини, сите од „Фајзер“.
Босна и Херцеговина има 32.000, од кои Република Српска располага со 22.000 од „Спутник В“, а Федерацијата БиХ со 10.000 од „Астра Зенека“ донирани од Србија.
Во четвртиот месец откога почна вакцинацијата во светот Македонија и понатаму е на 8.190 вакцини добиени од Србија.





