Вршителот на должноста премиер на Косово, Авдулах Хоти, најави дека месецов треба да пристигне првиот контингент од 33.000 дози вакцини против Ковид-19 во рамките на системот КОВАКС на Светската здравствена организација (СЗО).
„Од тој механизам Косово ќе добие 100.800 дози вакцини. Во тек се и интензивни преговори со други производители за да се обезбеди потребниот број вакцини и во целост да се изврши имунизација на граѓаните“, изјави Хоти.
Косово е единствено во Европа што сè уште нема добиено ниту една вакцина против коронавирус.
Во почетокот на јануари косовската Влада соопшти дека обезбедила околу половина милион дози од вакцините на „Фајзер“. Преку КОВАКС, пак, очекуваат вакцини од компанијата „Астра Зенека“.
Во последните неколку дена и во Косово дојде до зголемување на бројот на новозаразени, а само во последните седум дена се регистрирани над 3.000.





