Репрезентацијата на Македонија во футсал одигра нерешено 1:1 со Србија во Врање во третото коло од квалификациите за Европското првенство 2022 во Холандија.
Освоениот бод против фаворизираниот домаќин, кој е 16. на листата на ФИФА наспроти 44. место на „црвено-жолтите“, ја остави селекцијата на Васил Скендеровски во трка за второто место во четвртата група и потенцијалниот бараж.
Босна и Херцеговина е лидер со максимални 9 бода, а зад неа со по 2 се Романија, Македонија и Србија. Реваншот со северниот сосед е на 9 март од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Србија поведе по 3:30 минути игра преку Марко Пршиќ, а израмни македонскиот дефанзивец Иван Крстевски во 9:47 минута.
Голманот Антонио Петровски беше херој на натпреварот со дури 21 успешна интервенција.






