Нема да има пролонгирање на роковите за завршните сметки, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тоа, како што истакна на прес-конференција, е одлучено по направените меѓуинституционални консултации кои упатиле на заклучокот дека сметководителите не биле толку погодени од пандемијата.
На ова одговорија од Комората на сметководители:
Од почетокот на пандемијата вкупно 49,2 отсто од сметководителите имале КОВИД, а над 54 проценти од нив биле болни во најкритичниот период, од декември до март, покажува онлајн анкетата што ја спроведе Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори.
„Од вкупно регистрираните 10.000 сметководители, над 4.900 биле заболени од ковид-19. Од нив, 2.660, сега, поради нелогичното инаетење на институциите, се приморани да мислат за запазување рокови и по цена на живот. Фрапантните бројки не запираат тука. Воопшто не е за занемарување и бројката на колегите кои иако не биле заболени, биле во изолација поради членови на семејството, клинети или колеги. Дури 65 отсто или 6.500 се изјасниле дека сериозно бил нарушен текот на работа од оваа причина. Дали по овие бројки министерот ќе донесе разумна одлука за пролонгирање на роковите или и натаму ќе продолжи да го негира уставното право на секој граѓанин – правото на боледување, останува да видиме“, рече Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората.
Согласно законските можности, нагласи Андреева, пролонгирањето може да биде до 31 март 2021, без измени во Законот..






