Сузана Сурловски-Георгиевска, претседателка на Асоцијацијата „Блаже Конески“ од Париз, во објава на групата „Иселенички дневник“ на Фејсбук, чиј администратор е, ги повикува Македонците каде и да се масовно да учествуваат во пописот со пораката „ако го тераат овој циркус, треба ние да сме подобри циркузанти“.
„Ова веќе еднаш го имав ставено во коментар на еден пост.
Со непопишување само Македонецот губи!
Ќе им овозможиме на Албанците да бидат и 35 проценти. А ние Македонците ќе се делиме на Вие, Тие, Оние… додека тие знаат да бидат единствени.
Ова не е попис на населението каков што бара и што утврдува ЕУ со стандарди. Ова е попис во кој наведуваат дека ќе се попишуваат државјаните на Република Македонија.
Државјани се сите оние кои имаат пасош на Р Македонија, таквата бројка Македонија ја има како податок спрема бројот на издадени пасоши и други имформации кои ги има Министерство за внатрешни работи.
Македонија има можност да направи електронски попис, но проблемот е што нив им треба политички продукт за да направат сооднос кој нив ќе им одговара како би ги прикажале Албанците многу повеќе отколку што реално се. Македонија има база на секој Македонец кој на било кој начин е внесен во системот кај нас.
Ако пописот е политичка игра помеѓу политичките партии и ако тие се пазарат како и до сега, а не се стори некоја драстична промена за да се елиминира сето тоа, тогаш ако тие играат на таа игра, ние треба да играме појако и помасовно. Македонија има податок колку си има и етнички групи и колку се реално. Но, ако го тераат овој циркус треба ние да сме подобри циркузанти. Сега се борат за уште поголеми права на локално ниво на Албанците“, заклучува македонската активистка од Франција, чие здружение во 2015 година доби Повелба на Република Македонија од тогашниот претседател Ѓорге Иванов.






