Кој од двајцата ривали во СДСМ е одговорен за корупција во владата?

Владата која ја доведе Македонија до катастрофалното 111 место на најкорумпираните земји на светот од вторник почнува со нов акционен план за елиминирање на корупцијата но нејасно е кој е главниот за корупција во владата.



Во моментов според владините ингеренции главен за битка против корупција е вицепремиерот Љупчо Николовски. Но според одлука на владата од август 2019 година битката против корупцијата ја води министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој е на чело на Оперативен тим кој требаше да се бори против криминалот и корупцијата.

Јавноста досега не слушна ништо за резултатите од овој тим но истиот никогаш не е укинат и тој формално се занимава со криминал и корупција.

Спасовски и Николовски се двајцата најсериозни кандидати за лидери на СДСМ по заминувањето на Заев.

Во продолжение целото соопштение на владата од август 2019 година за кој на владиниот веб сајт нема информација дека е укинат.

Владата на Република Македонија денеска ја започна редовната 149-та седница со носење на одлука за формирање на оперативен тим кој преку координиран пристап бескомпромисно ќе работи во борбата против криминалот и корупцијата и кој ќе биде составен од највисоките претставници на институциите од извршната власт.

Со оперативниот тим ќе раководи заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Во оперативниот тим ќе членуваат министерката за правда, Рената Дескоска, заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми, директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасоски, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, досегашниот заменик-директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Ариф Асани и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски.

Со оваа одлука Владата на Република Македонија покажува силна решеност да не запре борбата против криминалот и корупцијата како стратешка определба.

Владата на Република Македонија бескомпромисно ќе работи со цел да биде задоволена правдата и да има целосна одговорност за сите кои учествувале или помагале криминал и корупција во минатото и сега. Оперативниот тим е целосно подготвен да се стави на располагање на Јавното обвинителство и на судовите во остварување на нивните законски обврски.