Откако загубивме три од четирите средби од претквалификациите за Светското првенство во Кина и со пет бодови се сместивме на втората позиција во групата Ц денеска го очекуваме последниот меч во нашата конкуренција за да видиме дали таму и ќе останеме. Потсетуваме дека пласман на второто место ни обезбедува учество во квалификациите од ноември, евентуален пад ќе значи и подолга апстиненција од соочувањата со најдобрите или барем средните по квалитет на континентот.
А се зависи од дуелот што од 20.15 се игра во Приштина и во кој Косово и е домаќин на Естонија. Домаќините се силно мотивирани, гостите незаинтересирани бидејќи се сигурно први, но тоа што ни дава надеж е првиот двобој на овие селекции одигран во Талин пред десет дена кога балтичката селекција ги разнесе косоварите со 26 разлика (76-50), што беше и најголема победа до сега во овој циклус во нашата конкуренција.
Ако победи Естонија ние одиме во квалификациите за СП во Кина 2019, во спротивно тоа ќе бидат Естонија и Косово.





