„Процесот кон ЕУ и сите билатерални прашања треба да се решат надвор од пристапните преговори. Ние го гледаме како позитивен знак тоа што Северна Македонија и Бугарија продолжуваат да расправаат за билатералните прашања, да се стават надвор од процесот, со цел напредок во тој поглед“, рече амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Брнз во синоќешното „Само интервју“ на Канал 5.



Брнз смета дека актуелната позиција на Бугарија кон Македонија нанесува штета на повеќе нивоа, но главно е тоа дека предизвика и сомнеж кај граѓаните во кредибилитетот на ЕУ и нејзината посветеност кон проширувањето.

„Мислам дека тоа ја отвори вратата за дезинформации. Затоа е важно тоа да не се дозволи. Поважно е да се има на ум дека, што и да се случи, најважните односи за земјава се со ЕУ и со НАТО и ништо нема да ги замени“, истакна Брнз.

Амбасадорката нагласи дека има доверба во владата дека ќе успее да дојде до договор со Бугарија.

„Северна Македонија има докази дека се справувала со спорни прашања со соседите и ги разрешувала конструктивно, па и понатаму ќе се залагаме, ќе се бориме и ќе ја поддржуваме Северна Македонија да ги започне преговорите и билатералните прашања да останат надвор од преговорите“, рече Брнз.