По неуспешното деби со дресовите со натпис „Северна Македонија“ против Италија, кошаркарската репрезентација доживеа уште поубедлив пораз, овојпат од домаќинот Русија со 94:77 во четвртиот натпревар од квалификациите за Европското првенство.
Неочекуваната победа на Естонија над Италија од 105:101 по продолжението претходно ги сведе шансите на теорија шансите за пласман на ЕП на избраниците на селекторот Александар Тодоров.
За такво нешто ќе им треба победа во двете преостанати средби во Перм со Италија и со Естонија, како и два пораза на Естонците, кои играат и со Русија, плус во меѓусебниот дуел да биде над 9 поени разлика!
Русите беа пресилни во речиси сите елементи на играта, посебно во скоковите, каде што имаа дури 25 повеќе од кошаркарите во жолти дресови.
Војдан Стојановски беше прво име во поразениот тим со 18 поени (4/6 за тројка), Американецот со македонски пасош Џејкоб Вајли запиша 16 поени (8/10 за два), а двоцифрени беа уште Кристијан Николов и Стојан Ѓуроски (5/5 за два).





