Голем триумф на ракометарите на Еурофарм Пелистер од 32:31 во Европската лига над ГОГ Гудме, лидер во првенството на светскиот шампион Данска!



Третата победа во низа го искачи македонскиот претставник на второто место во групата Д со 9 бода, еден повеќе од Гудме и направи значаен исчекор кон осминафиналето.

Данците беа во водство две третини од средбата во Битола, но завршницата му припадна на составот на Жељко Бабиќ, кој со четири невозвратени погодоци во 53. минута поведе со 30:27.

Тимот со четворица репрезентативци што неодамна ја одбранија титулата на Светското првенство во Египет не ја загуби главата, па дури и имаше напад за реми речиси 40 секунди, но направија грешка при додавањето на огромна радост на домашните ракометари.

Матео Мараш со 8 гола од девет обиди беше најефикасен во победничката екипа, пред Јосип Периќ со 7, Елмир Граѓан со 6, а Ненад Костески постигна 5.

Египќанецот Карим Хендави и Градимир Чаневски немаа многу одбрани, но одбранија три седмерца кога се решаваше победникот.