„Стигна соопштение од Кабинетот на Артан Груби со кое се известуваат медиумите дека „првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците ќе учествува во поставувањето на новите тријазични патокази на македонски, албански и англиски јазик на Коридорот 8 од страна на ЈП ‘Македонија пат’ и Јавното претријатие за државни патишта“.
Мало потсетување за тие што не се од тука. Годината е 2021. Длабоко навлезени во 21 век. Во светот владее пандемија. А вицепремиерот на една европска држава што е членка на НАТО учествува во поставување сообраќајни знаци. И медиумите известуваат за неговото учество. Ај што не ми е јасно на кој начин вицепремиер „учествува“ во поставување патоказ. Копа ли дупка покрај патот, става столпчиња, пишува ли на таблата, ја брише од прашина…? Туку, не е ни обичен вицепремиер. Прв е.
И после се чудиме зошто никако да стасаат вакцините против ковид-19. Изгубени се по пат оти досега немаше патокази и на албански јазик.
2 Изминатава недела земјава забележа голем напредок во вакциналниот процес. Покрај фрижидерите и голите надлактици, веќе имаме и список на граѓанки и граѓани со изразена намера за вакцинирање. Исполнети се три од четири елементи потребни за имунизација. За оваа фаза на процесот тоа е сосема океј.
Фалат магнетчиња за фрижидерите, ама тие ќе ги набавиме од Кина во следната фаза кога ќе почнеме да развиваме вакцинален туризам…“
Од колумната на Горан Михајловски за СакамДаКажам






