За издавање лажни возачки дозволи, обвинети 36 лица

Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 36 лица, од кои петмина се товарат за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, додека останатите 31 за поттикнување при извршувањето на тоа кривично дело.



Петтемина обвинети, вработени во Одделот за граѓански работи при МВР во повеќе наврати ја искористиле својата службена положба и овластување.

Во периодот од 26 ноември 2019 до 19 мај 2020 година, поттикнати од останатите обвинети, тие пополнувале барања за издавање возачка дозвола во кои внесувале невистинити податоци, ги пуштале во процедура, вршеле одобрување и издавале возачки дозволи.

На овој начин им овозможиле на подносителите да се стекнат со возачки дозволи од Б категорија, иако не ги исполнувале условите за тоа, односно немале положено возачки испит.

За првоосомничениот, за кого во текот на претходната постапка била определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител доставил предлог за продолжување на притворот.