Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, денеска во Кривичниот сведочеше во судскиот процес против организаторите на насилствата во Собранието од 27 април.
Иванов, ги нарече небулози информациите дека на 27 април 2017 година планирал да прогласи воена состојба.
„Сѐ што е поврзано со воена состојба произлезе од текст објавен во еден неделник, една недела пред настаните. Објавен беше текст со шпекулации, невистини. До 27 април тој текст беше интерпретиран, коментиран во другите медиуми во земјата и беше пренесен во странски медиуми. Целиот текст е небулоза.
Уставот е јасен: воена состојба се прогласува кога постои опасност за напад на Републиката, кога е нападната државата или кога ѝ е објавена војна на Републиката. Одлука носи Собранието со двотретинско мнозинство, кое ако не се состане, одлука може да донесе и претседателот, но таа потоа оди на потврдување во Собрание“, рече Иванов.
Екс-претседателот уште додаде дека „тоа е школски пример за психолошка војна. Создавање алиби не некој кој требало да преземе нешто, а за тоа вината да биде на претседателот на државата“.
За движењето „За заедничка Македонија“, Иванов рече дека нивните протести ги поддржувал.
„Јас неколкупати јавно го поддржав движењето, тоа беше во мои соопштенија, во јавни обраќања и во годишните обраќања во Собранието. По објавувањето на текстот на тиранска платформа, имаше жестоки реакции од поедини лица и институции, особено во дијаспората, затоа што тогаш имаше и изјави од косовскиот претседател и од албанскиот премиер. Тоа се совпадна и со тогашно интервју на еден американски конгресмен, дека Македонија како држава не треба да постои. Сите тие реакции потоа се слеаја во движењето ‘За заедничка Македонија’“ , рече Иванов.






