Авион на „Ер Србија“ синоќа слета на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград со уште половина милион вакцини од Кина, а го пречекаа премиерката Ана Брнабиќ и кинеската амбасадорка Чен Бо.
Во средината на минатиот месец во Србија беше испорачан првиот контингент од еден милион дози вакцини од производителот „Синофарм“, со што северниот сосед стигна до 1,5 милион вакцини само од Кина.
Ден претходно стигнаа 50.000 руски вакцини „Спутник Ве“ за прва доза, а претседателот Александар Вучиќ најави уште толку за втора доза за во наредните 15 дена.
До 20 февруари Србија очекува меѓу 125.000 и 150.000 дози од вакцината на „Астра-Зенека“, за што е потпишан договор, а до крајот на месецов ќе добие уште 88.000 дози од вакцината на „Фајзер-Бионтек“.
Нагласувајќи дека тука не станува збор за договори и за пари, туку за партнерство и пријателство со Кина, Брнабиќ се заблагодари што успеале и ќе успеат да спасат илјадници животи со кинеските вакцини.
Изобилството на вакцини за Ковид-19 од различни светски производители ѝ овозможи на Србија да биде втора во Европа и седма во светот по бројот на вакцинации, се пофали претседателката на српската Влада.






