Евроскептицизмот во Македонија бележи раст од три проценти во 2020 година во однос на 2019 и достигна 22 отсто од испитаниците опфатени со истражувањето на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со скопската канцеларија на Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Зголемувањето е значително ако се спореди со 2014 година, кога евроскептицизам изразиле 14 проценти од анкетираните.
Евроскептицизмот е најголем кај младите од 18 до 29 години, од кои една третина не го поддржуваат членството на Македонија во Унијата.
Занимливо е и зголемувањето на евроскептицизмот кај Албанците, каде што поддршката од 76 проценти е помала за 7 отсто споредено со претходната година, како и зголемувањето на поддршката за Русија кај испитаниците.
Наспроти растот на евроскептицизмот, запрен е петгодишниот пад на поддршката за членство во ЕУ од 80 проценти во 2014 година до 65 отсто во 2019 година, за во 2020 таа да изнесува 69 отсто.
Според претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски, минатата година беше прилично несреќна за македонските амбиции за пристапување кон ЕУ, а бугарското вето сериозно го оштети процесот на проширување.
„Овој ќорсокак ја става под ризик и регионалната стабилност, го зголемува јазот во секој аспект помеѓу Западен Балкан и ЕУ, поттикнува авторитарни тенденции, популистички гласови. Штетите се големи, а Брисел е свесен за последиците од оваа ситуација. Кредибилитетот на Унијата и на процесот сериозно се нарушени. Иако целокупната поддршка за ЕУ сè уште е силна, скептицизмот се зголемува, особено кај младите, а поддршката за Русија постојано расте. Испитаниците сè уште ја гледаат ЕУ како најдобар странски сојузник, но ЕУ веќе не се гледа како странски фактор со најголемо влијание и заостанува зад САД. Прашањето е дали ЕУ има план Б за нас и регионот“, вели Трошановски.






