Хрватската пратеничка и членка на Меѓупарламентарната група за пријателство Хрватска – Македонија, Маријана Петир, се сретна со протоерејот на Македонската православна црква во Хрватска, Кирко Велински, уште еднаш изразувајќи ја својата поддршка за Македонија и за македонскиот народ, посебно во однос на членството во Европската унија.
„Европскиот пат не би смеел да зависи од добрата волја на соседите, а билатералните прашања не би смееле да имаат приоритет пред европските интеграции. Длабоко погрешно и апсолутно неприфатливо е да се бара од една држава да се одрече од своето име, јазик, историја и идентитет. За мене, Македонија е дел од европското семејство и заслужува и формално да стане членка на Европската унија, но тоа треба да се реализира без уцени, притисоци и нереални пречки. На Македонија ѝ треба Европската унија токму како што на Европската унија ѝ треба Македонија“, рече основачката и прва шефица на Групата пријатели на Македонија во Европскиот парламент кога беше негов член.
Велински ја извести Петир за изградбата на МПЦ „Света Злата Мегленска“ и на Пасторалниот центар во Загреб, која е во тек и на чија изградба се чека од 2009 година.
Македонските верници во главниот град на Хрватска се собираа(т) во малата капела „Свети Рок“, која ја добија на користење од покојниот кардинал Фрањо Кухариќ, а во новата црква првата богослужба ќе може да се изврши до крајот на годинава, ако се соберат потребните финансиски средства, за кои им е потребна и помош од државата.
„Црквата и Пасторалниот центар ќе бидат темелот во кој ќе се зацврсти македонскиот идентитет, а ѕвоното на црквата ќе ѕвони од хрватската метропола за трајното пријателство меѓу хрватскиот и македонскиот народ“, рече Велински, заблагодарувајќи ѝ се на Петир за континуираната поддршка со години.






