Извонредните партии на Борко Ристовски и на Тимур Дибиров не беа доволни за Вардар да го избегне четвртиот пораз, 27:24 во Порто, во шестиот настап во ракометната Лига на шампионите.
„Министерот за одбрана“ запиша 15 одбрани, вклучувајќи и два седмерца, а левото крило беше најдобар стрелец на натпреварот со 9 гола, но попусто.
Поранешниот европски првак одлично влезе во мечот, поведувајќи со 5:1 по 7 минути игра, на полувреме беше 13:13, но клучен за победникот се покажа стартот на вториот дел.
Во 39. минута домаќинот стигна до 19:14, за десет минути пред крајот „црвено-црните“ да не реализираат три напади едноподруго за израмнување при 21:20 за Португалците.
Засилувањето Васко Шевалјевиќ дебитира во ЛШ со 4 погодоци за Вардар, а македонскиот репрезентативец Никола Митревски на голот на Порто скроти 8 удари.
Составот на Стевче Алушовски е последен во групата А со само 3 бода, а ќе гостуваат и по пет дена, и тоа кај Пари Сен Жермен.






