Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ја искритикува власта што преговара со Бугарија за идентитетот на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.



„За жал, ова што се случува по речиси 120 години од неговото загинување е срамно и недостоинствено. Никаде тој не рекол поинаку освен дека се бори за слободна Македонија и дека никој од соседите не може да биде подобар за Македонија од самите Македонци. Затоа, тој денес би ни рекол да не се плашиме од злото и неправдите што други ни ги прават, туку да се плашиме од злото и неправдите доколку самите си ги правиме. Оттаму, Гоце не заслужил да преговараме за неговото национално припаѓање, ни за што било и со кого било или да отстапуваме од она за кое тој се борел и за кое го положил и својот живот“, рече г.г. Стефан на одбележувањето на 149-годишнината од раѓањето на великанот во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

„Гоце беше и останува беспримерна личност во нашата историја, личност која израсна во легенда и влезе во македонската вечност. Тој живееше во поробена Македонија, но никогаш не беше роб. За него, всушност, слободата на еден народ беше само целосната слобода на тој народ. Затоа, чувајќи ги Гоцета и неговите идеали, всушност, се чуваме и себеси“, нагласи поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.