Дамјан Давков од Штип и неговиот наставник, иако се прваци во земјава на сите натпревари по математика, не успеале да ја добијат паричната награда бидејќи прописите на Министерството за образование утврдиле дека детето е – во осмолетка.
Иако Давков се натпреварува во конкуренција со средношколци и е најдобар, министерството сепак одлучило да не му ја даде наградата, објави ФБ групата Штипска идила.

Во решението се вели дека на Дамјан не му следува парична награда од причина што е основец, а е државен првак по математика во конкуренција на средните школи“, стои во објавата на Фејсбук групата.
Еве што е наведено во документот кој бил добиен од Министерството.
„Барањето за доделување на парична награда за освоено прво место на државен натпревар по математика, прва година, од ученикот Дамјан Давков и наставникот Кокан Радев од ООУ „Ванчо Прќе“ Штип, се одбива.

Комисијата за доделување на парична награда за освоено прво место на државен натпревар на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот, постапувајќи по горенаведеното барање, а согласно член 24 од Законот за средно образование, Правилникот за начинот и поблиските критериуми на организирање и изведување на натпреварите на учениците по одделни предмети на општионско, регионално и државнио ниво во средното образование, и Извештајот од Сојуз на математичари на Македонија, изврши увид во доставената документација и со Извештај од Комисијата утврди дека ученикот и наставникот не ги исполнуваат условите за доделување на парична награда, бидејќи ученикот е редовен ученик во основно образование, односно наставникот е наставник во основно образование, а натпреварите се за ученици и наставници во средно образование“, се вели во решението од Министерството за образование и наука.






