Бугарија местела тендери со пари од ЕУ, истрага за измама на ОЛАФ

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) препорачува Бугарија да врати 6 милиони евра (7,2 милиони американски долари) од грантови на ЕУ и да размисли за започнување на кривична постапка против претставници на Министерството за внатрешни работи.



Министерството за внатрешни работи на Бугарија ги прекршило условите на договорот за грант со употреба на пари од ЕУ за купување џипови од постари модели наместо нови полициски автомобили за сите терени.

Според неодамна затворената истрага, како што објави ОЛАФ постои основа за прогон за кривично дело “злоупотреба на моќ” според Бугарскиот казнен законик.

Со делото се влијаело негативно на финансиските интереси на ЕУ а било извршено од службеници на Министерството, се вели во соопштението на ОЛАФ.

Сега бугарското обвинителство треба да одлучи дали ќе започне кривична истрага за злоупотреба на моќ во корист на трети лица.

„Наместени тендери со кои им се дозволува на потенцијалните измамници да стават пари во сопствените џебови на сметка на граѓаните е типичен модел на измама што премногу често го гледаат истражителите на ОЛАФ. Дотолку повеќе е загрижувачки кога толку витален јавен сервис како што полицијата можеше да биде жртва на ваков вид на активност. Го повикувам бугарското обвинителство соодветно да ја разгледа нашата препорака за правна постапка “, изјави Вил Итала, генерален директор на ОЛАФ за случајот.

„Ова ќе испрати јасна порака дека никој не е над законот и дека ОЛАФ и нејзините партнери низ цела Европа ќе продолжат да работат неуморно за да ги заштитат парите на европските даночни обврзници“, смета Вил Итала.

Барањето на ОЛАФ доаѓа во незгодно време за бугарската влада која за нецели два месеци оди на избори.