Никовски: Однесувањето на Македонија кон Бугарија е недостојно, срамно и води во директен пораз

Ристо Никовски, поранешен македонски амбасадор во Лондон, во Тирана и во Москва, повикува за радикален пресврт во односите со Бугарија со повлекување на Комисијата за историски и за образовни прашање и откажување од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка пораи бугарското вето за почеток на преговори со Европската унија.



„Прво, треба да се повлече Комисијата, второ, да се откаже Договорот. Треба да им се каже: ‘Сакате договор? Тогаш, не може да има блокада и вето. Сакате вето? Извинете, тогаш Договорот за нас вече не важи’. Штом молчиш, значи прифаќаш, се согласуваш. Никаде молчењето не е злато, посебно на испит на факултет ако молчиш – ќе паднеш. Така што однесувањето на Македонија е недостојно, срамно и води во директен пораз. Сега веќе сите признаа дека идентитетските прашања се на маса. Ако се на маса, кој дозволи да се на маса? На мене ако ми поставите такви прашања на маса, ќе ви речам: ‘Извинете, јас со вас немам веќе разговор’“, изјави ексдипломатот во „Само вистина“ на Канал 5.

„Македонија со Бугарија не може да најде компромис. Тоа е надвор од умот. Во суштина, јас сум длабоко уверен, и на Бугарија, и на Грција не им одговара да влеземе во Европската унија. Тие сакаат да имаат преговори, ќе пуштат да има, зошто преку секое поглавје ќе ни ги сечат прстите, ноктите, ушите, сè, додека не нè урнат комплетно. Тие не сакаат да влеземе во Унијата зошто, влеземе ли, ние утредента можеме да ги откажеме и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Тогаш ништо нема да ни можат“, категоричен е Никовски.