Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов им се придружи на критиките од својот заменик во ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, и од новинарот и експерт за меѓународни односи Велизар Енчев до премиерот Зоран Заев и лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски.



Испровоциран од честитките за Свети Сава, како и од најавите за враќање на српскиот јазик во училиштата и за отворање на Српски културен центар во Скопје, Каракачанов ги обвини „пријателот“ Заев и „колегата“ Мицкоски, како што ги нарече, дека работат за засилување на српското влијание во Македонија.

„Против Ковид ви испративме вакцина, но против стокхолмски синдром нема измислено вакцина, ниту, пак, лек“, изјави Каракачанов, наспроти фактот дека досега од Бугарија во Македонија не е влезена ниту една вакцина за Ковид-19, и покрај ветувањето од Владата во Софија и однапред изразената благодарност од таа во Скопје.