Поранешниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, а сега пратеник од опозициската партија СИРИЗА, од актуелниот министер за надворешни работи, Никос Дендиас, бара информации зошто доцни ратификацијата на трите меморандуми со Македонија и покрај тоа што во Парламентот беа донесени кон средината на септември минатата година.
„Како ќе се решат значителните доцнења за учебниците и трговските ознаки?, прашува одговорниот за надворешна политика во СИРИЗА, во пратеничко прашање упатено до Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.
„Јасно е дека противењето за Договорот од Преспа на одредени претставници на Нова демократија, вклучувајќи го и поранешниот премиер Андонис Самарас, не е оправдување за горенаведените доцнења, што им штетат на националните интереси, ниту за општото заложништво на Владата во важните области на надворешната политика“, пишува Катругалос во пратеникото прашање.
Од шефот на грчката дипломатија бара одговор за тоа кога меморандумите ќе бидат донесени пред надлежната Комисија во Парламентот, како и на пленарна седница за ратификација; „кога се очекува да заврши процесот на повлекување или измена на учебниците со иредентистичка содржина во соседната земја?”; како и каков е планот на Министерството за надворешни работи во врска со „заштита на производите од Македонија”.
Во доцнењата што ги споменува Катругалос, освен ратификацијата на меморандумите, го наведува и доцнењето во однос на комисиите за учебниците и за трговските ознаки.
Катругалос прашува дали прашањата за учебниците и заштитата на производите биле покренати на средбата со министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи, за време на посетата на Атина и каков бил неговиот одговор, јавува МИА.






