Брзи тестови за Ковид-19 на скопскиот аеродром

ТАВ Македонија, заедно со генетската лабораторијата при Жан Митрев Клиник креираа решение за брзи антиген тестови непосредно пред заминувањето на патниците од скопскиот аеродром.



Почнувајќи од неделата, 24-ти јануари, амбулантно возило за тестирање на клиничката болница „Жан Митрев” е распоредeно пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, во близина на единствениот отворен влез за патници „Departures C”, каде што патниците можат да го извршат потребниот брз антиген тест и да го добијат резултатот за 15 до 20 минути од земањето примерок.

Медицинското возило за тестирање на „Жан Митрев” Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина и Центарот за истражување применета микробиологија и биотехнологија, ќе биде присутно на Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден кога има летови до државите кои бараат брз антиген тест, четири часа пред времето на полетување до секоја од дестинациите.

„Целта е да се обезбеди опција на патниците кои заминуваат кон дестинациите во Холандија, Германија и Велика Британија, со цел тие да имаат доволно време да извршат брз антиген тест, пред да влезат во зградата на аеродромот и да почнат со аеродромските процедури, ако тестот веќе не го направиле пред нивното пристигнување на аеродромот“, истакнуваат од ТАВ Македонија.