Исказот на екс шефот на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков на вчерашното судење за случајот “Таргет-Тврдина” е земен како апсолутна вистина од страна на судот, обвинителството и најголемиот дел од медиумите и општата јавност.
24 часа по изјавата на Мијалков никој не му противречи и не го преиспитува неговото тврдење дека во службениот компјутер на МВР тој се приклучил само неколку пати во 9 години за да пребарува на интернет но не и за прислушување.
„И ова не е точно. Познавајќи се себе и мојот карактер, не сум имал таква потреба. Не сум човек кој користи компјутер на дневна основа, туку мобилен телефон. За 9 години колку што бев директор, само неколку пати сум го вклучил компјутерот, да видам што има на интернет, а не да прислушувам. Не ни постои таков доказ”, го негираше вчера Мијалков делот од обвинението во кое се тврди дека Мијалков давал наредби и прислушувал.
Вообичаено за вакви искази на обвинети судот може да побара вештачење за да се провери дали Мијалков ја зборува вистината.
Доколку предходно СЈО а сега обвинителството ја завршило својата домашна задача сега ќе немаше дилема дали Мијалков ја зборува вистината.
Товарот на оваа дилема сега го носи обвинителката Ленче Ристовска која иако главен обвинител во предметот е Гаврил Бубевски е главниот лик во медиумите за случајот на обвинителство против екс шефот на УБК.
Доколку предходно Ристовска и нејзините колеги направиле вештачење на компјутерот на Мијалков но и на сите други кои се инволвирани во прислушувањето сега многу работи ќе беа појасни.
Но Ристовска се уште има време да ја исправи грешката, иако во февруари едно од обвиненијата против Мијалков ќе застари, вештачење на неговиот и други спорни компјутери во МВР ќе го расчистат случајот.
Освен спорните компјутери за кои досега не чувме дека се вештачени, Ристовска и другите обвинители имаат обврска да ги проверат сите други претставки, извештаи и документи кои биле заведени во УБК, МВР и Обвинителството а кои се поврзани со случајот.
Доколку се утврди дека некој предходно во СЈО а сега во ЈО намерно, по своја желба или под принуда игнорирал, забошотувал или криел документи и го “искривувал” текот на истрагата со цел да не се дојде до целата вистина, во законот има прецизни решенија кои се однесуваат и на обвинители, истражители, судии, и други политички ликови инволвирани во истрагата.
За овој случај молчат и новинари/ки блиски на Ристовска кои во текот на својата работа во СЈО ги кооптирала во работата на истрагите а за кои има индиции дека имале пристап до делови од случаите до кои во никој случај немале право на бидат инволвирани.






