Православните христијани денеска го празнуваат Богојавление еден од најголемите христијански празници кој , поради пандемијата, ќе биде одбележан без традиционалните големи собири за вадење на светиот крст од осветени води.
Празникот Водици или Богојавление се празнувал уште во вториот век од христијанската ера. Конкретно е поврзан со крштевањето на Исус Христос од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител.
На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера апелираше до граѓаните и до верските заедници да ги почитуваат мерките и препораките за спречување на ширење на коронавирусот.






