По „радосната вест“ од премиерот Зоран Заев за вакцините од Србија, за уште една се погрижи министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која се потруди да ги израдува пензионерите.
Со јануарската пензија, тие ќе го добијат усогласувањето, со кое минималната пензија ќе биде поголема за 134 денари, а просечната за 185 денари месечно или 2.220 денари на годишно ниво, најави министерката за ТВ 24.
Вакво усогласување со трошоците за живот пензионерите ќе добиваат два пати во годината и дополнително со растот на бруто домашниот производ, како трет механизам, објасни Шахпаска.
Наследничката на Мила Царовска во Министерството за труд и социјала вчера се најде во центарот на вниманието на јавноста со нејзина изјава од јавен собир на СДСМ. Поткрепувајќи го тврдењето дека Владата помага со враќање пари кај граѓаните, таа на собирот зборуваше за 500 денари во период од 3 месеци, со кои, според неа, домаќинките можат да купат 2 килограма месо.






