На денешната средба во Будимпешта лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан
Мицкоски со унгарскиот премиер Виктор Орбан разговарал за блокираниот пат кон ЕУ, и добил недвосмислена поддршка од унгарските пријатели.
Мицкоски во Будимпешта е заедно со потпретседателот Александар Николоски со кого имале и работен појадок кај министерот за надворешни работи господинот Петер Сијарто.
“Денот го продолживме на еден работен состанок со претседателот на владата и големиот пријател на Македонија, господинот Виктор Орбан” , ова денеска преку видео порака од Будимпешта го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој посочува дека разговарале за актуелната политичка и економска ситуација во Македонија, а ги пренесле и нивните искуства во справувањето со КОВИД пандемијата која иста така се чувствува и и во Унгарија.
“Истовремено зборувавме за блокираниот пат н Македонија во рамките на Европската Унија, и нашите домаќини го споделија нивното искуство како течеа преговорите кога Унгарија практично стануваше членка на Европската Унија. Од страна на домаќините беше уште еднаш реафирмирана недвосмислената поддршка за Македонија, за македонскиот народ, за граѓаните на Македонија и недвосмислената поддршка во евроинтегративниот процес да Македонија еден ден биде членка на Европската унија”, вели Мицкоски.
Тој во видеото додава дека еврокомесарот за проширување господинот Оливер Вархеји потекнува токму од нивната сестринска партија Фидеш.
“Ги продолживме разговорите за внатрешните случувања во рамките на ЕНП (Европската народна партија), се согласивме и го поздравивме изборот на новиот претседател на нашата сестринска партија ЦДУ во Германија и очекуваме плодна заедничка работа помеѓу сестринските партии ВМРО-ДПМНЕ и Фидеш и ЦДУ”, вели Мицкоски во пораката од Будимпешта.





