Ракометната репрезентација на Македонија не блескаше ни против аутсајдерот Чиле, но славеше со 32:29 и се пласира во групата од втората фаза на 27. Светско првенство во Египет.



Во неа избраниците на селекторот Данило Брестовац за противници ќе ги имаат Словенија, Русија и Белорусија, а првиот натпревар е в среда со подобриот од денешниот дуел меѓу Словенците и Белорусите.

Како и против Шведска и домаќинот Египет, „црвено-жолтите“ бледо влегоа во мечот со јужноамериканскиот ривал, кој го доби првото полувреме со 17:16, за во второто Македонија конечно да заигра на потребното ниво за 6/6 во меѓусебните дуели со Чилеанците.

Капитенот Кирил Лазаров беше најефикасен во македонскиот тим со седум гола, два повеќе од Жарко Пешевски и од Ненад Костески, а голем придонес за првиот триумф на шампионатот дадоа голманите. Никола Митревски заврши со 14 успешни интервенции, а Мартин Томовски одбрани два седмерца во клучните моменти од вториот дел кога се решаваше победникот.