Албанскиот премиер Еди Рама останува на ставот дека Европската унија е себична кога се во прашање вакцините против ковид-19, откако Француската амбасада во Тирана реагираше на неговите обвинувања за земјите членки на ЕУ, пренесува порталот СДК.
„Во ТВ интервју, Еди Рама, албанскиот премиер, јасно ги обвини членките на ЕУ дека се себични и цинични. Амбасадата потсетува дека секоја година ЕУ е најголем донатор на Албанија со над 100 милиони евра во различни сектори“, се вели во реакцијата на Француската амбасада.
Рама ѝ одговори на Француската амбасада на Твитер, велејќи дека не нападнал ниту еден сојузник, најмалку Франција, и дека ја цени помошта од ЕУ, но дека останува на ставот дека одлуките на земјите членки на ЕУ се себични.
Рама повтори дека нема оправдување за изоставувањето на земјите од регионот од дистрибуцијата на вакцини.
„Македонија уште нема почнато со вакцинацијата. Требаше да почне, но не почна и тоа не е по вина на Македонија. Бугарија вети дека ќе им даде 100 вакцини, но сè уште ги нема дадено, бидејќи ако им ги дадеше, тие ќе ги искористеа“, вели албанскиот премиер.





